фото: З.А.

По неколку кризни години со мали или речиси никакви приноси на мед, годинава пчеларите од кичевско-бродскиот регион можат да бидат наполно задоволни од приносите што ги имаат во своите пчеларници ова лето.

Тие потврдуваат дека главна причина за добрите приноси е времето во текот на пролетта без многу врнежи од дожд и без мраз, што овозможи пчелите да соберат што повеќе полен и да овозможат зголемени приноси на мед во сандаците.

– Благодарение на добрата пролет период кога пчелите собираат полен, немавме пад на температурите и смрзнување на овошките, што ни овозможи да имаме добри приноси во пчеларниците кои можат да бидат уште подобри ако се искористи периодот кога пчелите замедуваат и од дабот, што се случува кон крајот на јули и почетокот на август, кога вообичаено се вади медот од сандаците и кога ќе имаме натпросечни количини на мед. Ако порано на неколку години имавме една сиромашна година со мали приноси, сега ни се случува обратно, денес имаме неколку сиромашни години и само една до две години со добри приноси со мед – вели Миле Стојкоски, пчелар од Бродско, кој е познат по производство на еколошки чист мед.

Слично е искуството и на пчелар од кичевско кој потсети дека не очекувал оваа година приносите да бидат толку добри.

– Пријатно сум изненаден од приносите на мед кои ги имаме оваа година. Но поволната временска ситуација во текот на пролетта ни овозможи да имаме добри приноси и успешна година. Од она што го забележав при прегледот на сандаците пред две седмици, бев пријатно изненаден од полнотијата на рамките што ќе ни овозможи да имаме добра година, а тоа значи од едно пчелно семејство да добиеме од 10 до 12 килограми мед – вели пчеларот Аце Станкоски.

Граѓаните се прашуваат дали добрите приноси на мед ќе придонесат цената на медот да не се покачува или да биде пониска споредено со претходните години.

З.А.