По подолго време во Битола повторно е покрената иницијатива за решавање на проблемот со бездомните кучиња. Денеска за решавање на овој мошне актуелен проблем во Битола разговараа градоначалникот на Битола Тони Коњановски, претседателката на Советот, Габриела Илиевска и директорката на ЈП „Комуналец“ Гордана Наумовска, претставници на здруженија за заштита на животните, ветеринари од Битола, како и претставник од Агенцијата за храна и ветеринарство и претставници
од Фондацијата Бибевски.
Целта на средбата беше да се согледаат мислењата и предлозите за изнаоѓање решение на проблемот со бездомните животни во Битола.
Присутните беа информирани дека, во буџетот на Општина Битола за 2022 година предвидени се средства за подготовка на проектна документација за решавање на проблемот со бездомните животни. Состојбата со бездомните животни е долгогодишен проблем со кој се соочува Општина Битола.
На средбата беше заклучено дека проблемот со бездомните животни во Битола конечно ќе се решава институционално. За да се реши проблемот најпрво треба да се започне со примена на стратегија за масовна стерилизација, како и да се воведе одговорно сопствеништво на миленици и контролирана трговија со истите, спроведување на кампања за заштита на животни, ограничување и контрола на слободната продажба на високотоксични материи, кои се злоупотребуваат за труење на животни и поголем инспекциски надзор низ градот во откривањето на мачењето на животни. М.М.