За што побезбеден сообраќај во Кичево започна поставувањето на хоризонтална сигнализација на сите кружни текови во градот. Оваа операција ја изведува ЈКП „Комуналец“ Кичево. Како што најави директорот на оваа компанија, целокупната работа треба да заврши најдоцна до средината на наредниот месец, бидејќи Кичево после Скопје е град со најмногу кружни текови во земјава и обемот на работа е нешто поголем.
– Иако досега обележувањето на хоризонталната сигнализација на кружните текови во градот го вршевме преку две години, за првпат годинава тоа го вршиме последователно, но со други бои. Досегашната практика кружните текови да се обележуваат со црвена и бела боја е променета и од годинава кружните текови во градот ќе бидат во жолто-црна комбинација, што е во склад со сообраќајните правила и прописи. Оваа комбинација е многу повеќе видлива во ноќните саати за што побезбедно одвивање на значајно зголемениот сообраќај во градот. Според нашите планови очекуваме до средината на јули да ја завршиме работата на сите кружни текови во градот – истакна директорот на ЈКП „Комуналец“ Зенел Јонузи, кој нагласи дека главнината на работите се извршува во раните утрински саати, кога сообраќајот е намален, што им овозможува на вработените на оваа компанија многу побезбедно да ја завршат планираната работа. З.А.