фото: М.М.

Почетокот на изградбата на булеварскиот влез од Прилеп до Битола денеска го означи за започнат премиерот Христијан Мицкоски.

– Задоволство е да се одбележи почетокот на овој проект, кој ќе значи многу за битолчани и мислам дека со ова, уште едно ветување коешто го дадовме го исполнуваме со овој почеток. Очекувам брзо да се заврши овој влез, со што ќе биде заокружена една целина. Како што самиот градоначалник кажа, не само овој проект овде, туку и на многу локации низ Битола се работат и градежни зафати и други проекти. Јас сакам да му честитам на градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, на советниците, на администрацијата, кои ја подржуваат работата на градоначалникот, на пратениците кои грчевито се бореа во минатото, а и сега морам да кажам, и покрај тоа што Владата ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, се борат за секој проект повеќе за Битола – истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Зборувајќи изградбата на новиот влез за Битола од страната на Прилеп градоначалникот Тони Коњановски рече:
– Конечно Битола добива влез како што му долкува на градот на конзулите. Посебна благодарност до напорите што ги имаше пратеничката група во изминатиот состав и за помошта од 110 милиони денари што тогаш беше доделена. Ова е исклучителен проект за битолчани. Сите правни постапки и регулативи се веќе завршени, во делот на експропијацијата и граѓаните се свесни дека ова е булеварско решение и мора да се реализира. Мора да предочам дека и јавните претпријатија и приватните компании се соочуваат со недостиг од работна сила особено во делот на професионалниот кадар што го имаат, но, се надевам дека овие недостатоци ќе се надминуваат и проектот ќе се реализира со предвидената динамика – рече градоначалникот Тони Коњановски и додаде дека моментно на 16 локации во градот се изведуваат градежни активности.
Премиерот Христијан Мицкоски за време на неговата посета на Битола изврши увид во градежните работи на новиот противпожарен дом, кој се гради во Битолската касарна, како и спортскиот комплекс кај ОУ „Елпида Караманди“.
– Јас секогаш сум велел така и сега сакам да испратам една порака, дека за мене Битола има посебно значење во делот на реализација на проектите. Битола полека но сигурно најпрвин во овие години откако Тони Коњановски е градоначалник заедно со советниците и со администрацијата се обидуваат што е можно повеќе проекти да реализираат. Можам да кажам дека откако ќе помине ребалансот и ќе биде објавен јавниот повик очекувам, а од тоа што го знам е дека општина Битола ќе конкурира со нови проекти, но исто така и со усвојувањето на Буџетот за следната година ќе имаме дополнителни проекти, само во овој период до крајот на оваа година и следната околу 14 – 15 милиони евра ќе бидат инвестирани во проекти овде во Битола, надвор од буџетот што го има самата општина. Така што мислам дека ќе имаме навистина еден комплетен нов изглед на Битола – потенцира Мицкоски.

М.М.