По две сушни лета без речиси никакв промет најстариот чистач на чевли во земјава Демо Мамудоски (94), се пофали дека летово печалбарите во земјава пристигнале во голем број, што придонело и нивниот промет брзо да порасне и да ја покрие слабата пролет и почетокот на летото.
– Летово во месеците јули и август ја имавме најдобрата заработувачка годинава. Печалбарите се многу педантни луѓе и по примерот на запад во секоја прилика сакаат да имаат чисти чевли. Згора на тоа се и многу дарежливи и често се случува ако ги потсетите колку чини едно чистење на чевли, тие ќе ви остават двојно повеќе пари од цената. Со месните жители тоа никогаш не се случува, а тие немаат навика редовно да ја одржуваат хигиената на своите обувки – вели Демо Мамудоск,и кој повеќе од 80 години се занимава со оваа работа, а започнал да се занимава со чистење чевли на свои 11 години.
Тој со своите синови и внуци ја продолжува традицијата на улични чистачи на чевли во Кичево, кои, како што вели остарениот Демо, иако имаат и други занаети, во слободното време и тие се тука да ги изгланцаат чевлите на градскита господа.
Тој за постојаните жители на Кичево нема високо мислење, бидејќи ретко кој редовно ги чисти чевлите кај нив.
– Во месеците без печалбари редовните муштерии се во многу мал број или се тоа пензионери кои претходно работеле на запад или граѓани што ги негуваат овие навики. Малубројните граѓани што држат до себе и секогаш сакаат да бидат беспрекорни во својот изглед речиси и да ги нема или се во мал број, што ние и по име ги знаеме. Но мора да се помириме со фактот дека сепак сталните жители не се и финансиски добростоечки како печалбарите и тука можеби лежи причината зошто почесто не ги чистат чевлите кај нас- заврши Демо, кога меморијата сѐ уште одлично го служи.