фото: Зоран Антоски

Снежното невреме што вчера зафати поголем дел од земјава, како и минусните температури, го однесоа родот од праските, кајсиите, сливите, крушите и другите родни дрва во кичевскиот крај. Овоштарите сметаат дека ова невреме им ја скрати можноста да произведат одредени количества овошки и нешто да заработат. Тие секогаш во месец април стравуваат од вакво невреме, кое, за жал, во изминативе десетина години се повтори во повеќе наврати.

– Против природата не можеме да се бориме и како во претходните неколку години така и годинава снежното невреме и студот предвреме го собра планираниот род од кајсиите, праските, сливите и други овошки што ги имаме засадено на нашите имоти. Фабриката под ведро небо и овојпат беше немилосрдна кон нас, а ние сме буквално немоќни нешто да промениме. Ни преостанува да очекуваме ова невреме да не се повтори до крајот на месец април, бидејќи во втората половина на месецов цветаат јаболката и уште некои овошки, за да не доживееме целосен крах – се пожалија повеќемина земјоделци од овој регион.

З.А.