Во присутво на бројни гости, локални жители, четириесеттина изложувачи од кои
седум најголеми фирми за земјоделска механизација во Македонија и десетина изложувачи на семенски материјал и вештачки ѓубрива, изложувачи на традиционална храна, мед, ракотвориби синоќа во Новаци свечено беше отворен првиот „Фестивал на жетвата“ .
– „Фестивалот на жетвата“ е манифестација која за прв пат се одржува во Општина Новаци, како рурална општина каде се наоѓаат најголемите производители на храна во
нашата држава. Со оваа манифестација се врши афирмација на Општина Новаци и нејзините ресурси како многу важна алка која придонесува за производство на храна и развој на економијата во државата во услови на светска криза. Од исклучителна важност е домашното производство на храна, кое ќе овозможи достапност на потребните производи по најповолни цени. Од фундаментално значење е да се даде сериозна поддршка на домашното производство на житарици, како стратешки прехранбени производи. Прогнозите и очекувањата за наредниот период не се воопшто позитивни, затоа е важно да се свртиме и да му дадеме значење на производството на храна за што имаме одлични предиспозиции – рече во своето обраќање пред присутните гости градоначалникот на Новаци, Стевче Стевановски.
Тој притоа додаде дека со организирањето на „Фестивалот на жетвата“ ќе се постигне целосно информирање за важноста од сопственото земјоделско производство, вложувањето во овие ресурси со кои изобилува Пелагонија, важноста од сопственото производство на храна и независноста од странските пазари, подигнувањето на свеста кај земјоделците за вложување во сопствените бизниси , презентирање на начините како тоа да го направат и кој е најлесниот пат да обезбедат средства и ресурси за зголемување на своите приноси и остварување на поголема конкурентност на сопственото производство. М.М.