Фото: Завод и Музеј Прилеп

Прилепскиот Завод и Музеј ја заврши втората истражувачка кампања на многу значајната градба во месноста Долиште во близина на селото Прилепец.

Со поддршка од 180 000 денари од Министерството за култура и туризам на Република Македонија, се дооткри просторија од римска античка бања. Тоа е просторијата во рамки на бањата во која луѓето кои доаѓале да ја одржуваат својата телесна хигиена со потење. Тоа е т.н. судаториум бања, која според советникот археолог Душко Темелкоски, имала висечки под од керамички плочи и малтер кои лежеле врз столбчиња од т.н. хипокаустни керамички кружни тули, а под кој струел топол воздух, што е всушност еден вид на подно загревање, со многу топол воздух.

– Евидентиран е и сегмент од уште една просторија од бањата, т.н. префурниум, во која се ложел оган кој го затоплувал воздухот кој струел под подното ниво на просторијата за потење. Римските бањи од овој тип се појавуваат во средината на 1 век пред нашата ера. Покрај двете наведени простории имале уште соблекувална, просторија со базен со топла вода, друга со базен со ладна вода и трета со базен со млака вода – потенцира Темелкоски.

Се смета дека на поширокиот простор кај селото Прилепец, би можело да е тоа сеуште неубицираниот град Пелагонија. Покрај бањата која се истражува оваа година, од движни наоди се откриени две бронзени монети, една на Александар и една кована од градот Пелагонија. Монетите на градот Пелагонија се ковале веднаш по поделбата на античка Македонија, односно по окупација од страна на Рим во средината на 2 век пред нашата ера, се мошне ретки.

Во претходните години во непосредна близина се истражувани неколку пунктови за погребувања во подолг временски интервал од околу 800 години.

Ка.М.