Фото: З.А

На неполни две седмици пред католичкиот Велигден, во Кичевско започна откупот на годинешното јагне. Според проценките на сточарите во оваа општина се очекува да бидат откупени околу 20.000 јагниња за кои голем интерес владее во Италија и во Хрватска, каде ќе биде извезено најголемиот број од годинешното конзумно јагне.

Сопствениците на матични стада овци не се задоволни од почетната откупна цена која едвај достигнува 200 денари за еден килограм, а нивните очекувања и планови беа откупот да се врши по цена од 240-250 денари, цена која засега не е достижна.

– Како и лани така и годинава не можеме да бидеме задоволни од откупната цена на комзумното јагне во нашиот регион, бидејќи цената на крмата и останата храна за јагнињата и овците е речиси двојно повисока од лани, а цената на откупеното јагне е на исто ниво или реално гледано е пониска. Државата треба да разбере дека со стагнацијата на откупната цена а со дуплирањето на нашите трошоци состојбата се повеќе и повеќе се влошува, а бројот на одгледувачи на овци е во постојано опаѓање – вели Ајрадин Бајрами претседател на Здружението на сточари.

Единствено сточарите признаваат дека цената на овчото сирење е на задоволително ниво и благодарение на добрата цена се покриваат зголемените трошоци што се создадени при одгледување на јагнињата.

– Да бидеме искрени цената на овчото сирење од 500 денари е задоволителна и благодарение на солидната откупна цена на сирењето се уште сме ликвидни, а откупот на јагнињата и нивната продажба придонесуваат да бидеме на границата на опстанокот или поточно речено во загуба – додава претседателот.

Тој нагласи дека притиснати се со многу проблеми од сите страни, а најголем е недостатокот на овчари и тие се приморани се почесто да ги пасат овците и покрај добрата плата што ја добиваат овчарите од сопствениците. З.А.