Фото: Архива „Нова Македонија“

Охрид

Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ ги започна сезонските активности за одржување на хигиената на јавните површини, со посебен акцент на охридските плажи.

На јавната плажа „Горица 3“ се поставени 10 канти со капацитет од 240 литри за ситен отпад, а дежурните екипи секојдневно се грижат за чистотата на просторот. Од јули, канти за отпад ќе бидат поставени и на плажите што не се под концесија, на потегот од Лагадин до Пештани.

Покрај тоа, се врши темелно чистење на плочникот околу клупите и кантите за отпадоци по должината на патеката од каналот Студенчишта до Горица, каде што се отстрануваат тврдокорни остатоци.

Утре, пак, 13 јуни, ЈП „Охридски комуналец“ ќе организира акција за подигнување кабаст отпад (стар мебел, душеци, телевизори, шпорети, теписони и др.) од У.З.3 и У.З.4 населби Кошишта, Воска и Даљан.

Се молат граѓаните што живеат во споменатите делови од градот доколку имаат ваков отпад уредно да го депонираат најдоцна до 7 часот на 13.6.2025 година и претходно локацијата да ја пријават на дежурниот телефон 075-495-428, кој функционира секој ден во неделата во периодот од 7 часот до 21 часот, велат од ЈП „Охридски комуналец“. Отпадот, додаваат, треба да биде уредно оставен до контејнерите или на местата предвидени за подигнување комунален отпад.

Од претпријатието информираат дека сите активности се во согласност со програмата за работа за 2025 година. В.Р.