Со подигнување на знамето на ромската заедница, на јарболот пред
општината, денеска во Прилеп започнаа активностите за одбележувањето на 8
Април – меѓународниот ден на Ромите. Во знак на почит кон ромската заедница
знамето го подигнаа Дејан Проданоски, градоначалник на општина Прилеп и
советникот Алмир Сулејманоски, при тоа потенцирајќи дека се реализираат
проекти за подоброување на условите за живот на Ромите во населбата Тризла.
– Општината Прилеп посериозно започнува да се грижи за жителите од
ромската заедница. Правиме сериозни напори за подобрување на квалитетот на
живот во населбата Тризла, каде Ромите најмногу живеат. За овој дел од градот ќе
се изработат четири урбанистички планови, од кои два се во тек. Аплицираме до
европските фондови кои даваат поддршка за ромското население. Дополнително
ќе продолжиме со инфраструктурни проекти. Планираме да поставиме повеќе од
четири километри аслфат, од кои годинава ќе бидат завршени дел од нив – рече
градоначалникот Проданоски, честитајќи го празникот на сите Роми.
-Со вложување на голем напор ќе ги подобруваме условите за живот на
Ромите, иако е факт дека се соочуваат со проблеми од делот на инфраструктура,
образование… Нашата цел е да работиме да се подобрат елементарните услови
за живот. На пример во населбата Три багреми жителите се соочуваат од
недостиг на вода , како и инфраструктура – изјави Алмир Сулејманоски, советник
во општина Прилеп.
Според последниот попис во Прилеп живеат над 4800 Роми, но од ромската
заедница велат дека ги има многу повеќе, односно околу 7000 жители.
Инаку, одбележувањето на 8 Април – меѓународниот ден на Ромите
продолжува вечерва од 17 часот со пригодна културно уметничка програма во ЦК
„Марко Цепенков“.
Ка.М.



































