Охрид
Подготви: Каролина Мицевска
Со свечена академија во „Света Софија“, ЈНУ Хидробиолошки завод одбележа 90 години од основањето. Беше посочено дека станува збор за голем јубилеј не само за Охрид туку и за науката во Македонија. Јубилејот е сведоштво за едно патување низ времето, исполнето со истражувања, откритија, научни трудови и пожртвувана работа на генерации научници, кои својата љубов кон природата ја преточиле во знаење и дела.
Хидробиолошкиот завод е темел за научното проучување на Охридско Езеро, кој од своето основање до денес ги чува неговата уникатна флора и фауна, ја објаснува неговата тајна долговечност и создава мост помеѓу науката и општеството.
На свечената академија обраќање имаа претседателката на Република Македонија, Гордана Силјаноска-Давкова, и директорката на Хидробиолошкиот завод, д-р Орхидеја Тасевска.
Хидробиолошкиот завод е основан во 1935 година и е јавна владина високообразовна и научноистражувачка организација од национален интерес. Заводот претставува најстара научнистражувачка установа од областа на лимнологијата во Македонија чија главна преокупација е лимнологијата на природните езера на (Охридско, Преспанско и Дојранско), со особена нагласеност на Охридско Езеро – најстарото езеро во Европа и најголемото и најдлабоко во Македонија.
Хидробиолошкиот завод активно придонесува во проучувањето и заштитата на Охридско Езеро и природните ресурси, со што се вбројува меѓу најзначајните научни институции во регионот. Во текот на долгогодишните истражувања на Охридско Езеро се публицирани и презентирани повеќе од 800 труда.