Во присуство на претседателот на државата Стево Пендаровски, претставници од боречките организации од Кичево, Охрид и Струга, делегација од родниот град на Свештарот, Гевгелија, почитувачи на оваа епопеја, денес беше одбележана 80-годишнината од крвавата битка кај село Кленоец.
Присутните најпрво ги поздрави претседателот на Здружението на Сојузот на борците од Кичево, Владо Дејаноски.
– Почитувани присутни и оваа година се собравме тука да го одбележиме 6 октомври, денот кога на ова место се водела голема битка за одбрана на слободната територија која се протегала од Кичево до Ботун. Оваа година е јубилејна и се прославуваат 80 години од овој настан. Откако е изграден овој споменик, до денес ова место го нема посетено ниту еден така висок државен функционер. Денес имаме особена чест заедно со нас да биде присутен и претседателот Стево Пендаровски, за што му благодариме, што најде време и можност заедно со сите нас овде присутни да го одбележиме овој значаен датум – истакна Дејаноски и нагласи дека Кичево бележи значајни настани од поновата историја со кои може да се гордее.
Почнувајќи од 11 септември – денот кога за првпат е ослободен овој град, 23 септември – денот кога во село Подвис, Кичевско, започнала наставата на првото училиште на мајчин македонски јазик, 6 октомври во село Кленоец се случила една фронтална битка со окупаторот и затоа денес е свечен ден за незаборав, за денешнината и иднината.
Претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање помеѓу другото истакна дека на овие простори имало големи случувања во времето на НОВ, почнувајќи од првата печатница на планината Лопушник, првото училиште на македонски јазик во село Подвис, големата битка кај село Кленоец, каде што денес сме присутни и многу други.
Одбележувањето беше заокружено и со настап на КУД „Бисер“ Кичево. З.А.