Со присуство на поголем број почитувачи на Илинденската епопеја, во месноста Ѓурѓејца, кичевско, беше одбележана 120 годишнината на една од најкрвавите битки од овој период што се случила во кичевскиот крај, и во која востаниците извојувале блескава победа, една од ретките во тој историски период.
Битката кај Ѓурѓејца ќе остане во вечен спомен кај идните поколенија, каде што се потврдила големата пожртвуваност на комитите, кои се вградиле во успехот на Крушевската Република и во сеопштиот отпор во земјава.
– На ова култно место за нас, пред 120 години, се одиграла една од најкрвавите битки во Илинденскиот период и каде е извојувана една од најблескавите, ретки, победи на востаниците. Битката кај Ѓурѓејца востаниците скапо ја платиле со над 30 положени животи и голем број на ранети. Токму затоа овој датум и овој локалитет, заслужуваат почесно место во македонската историја, како едно потсетување за идните генерации да не го заборават големото херојство на нивните претци од тоа време – истакна Александар Кочоски,редовен посетител на овој локалитет на 4 август.
Спомен обележјето на Ѓурѓејца самоиницијативно и со свои средства го изградија почитувачи на оваа епопеја од Кичево и околните села на месноста Гурѓејца, што се наоѓа на ледина помеѓу селата Кладник и Карбуница. З.А.