Фото: Принтскрин

Прилеп

Детската градинка „Вишне“ во Прилеп доби од Ротари-клубот од Прилеп 21 прочистувач на воздух, кои ќе бидат распределени во занималните во објектите на градинките во Вишне и Бончејца и ќе придонесат за поздраво секојдневие на децата.
Од општината велат дека ова е инвестиција во нивното здравје, нивниот правилен раст и развој, но и во создавањето почиста и побезбедна средина во која тие ги прават своите први чекори во образованието.
– Искрена и голема благодарност упатувам до членовите на Ротари-клубот од Прилеп за нивната висока општествена одговорност и хуманост. Со вакви дела уште еднаш се покажува дека кога сите работиме заедно, придонесуваме за подобра иднина на нашата заедница – вели Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Преку поддршка од Владата на Република Македонија, во изминатиот период биле обезбедени и осум големи прочистувачи на воздух. Тие веќе се инсталирани во спортските сали на основните училишта, каде што учениците секојдневно престојуваат и тренираат, а два од нив се поставени и во холовите на градинките во населбите Точила и Бончејца.

Сите овие вложувања, како што додава Јовчески, се дел од нашата постојана заложба да обезбедиме квалитетни услови за воспитание, образование и спорт, но пред сè да ја заштитиме здравствената благосостојба на најмладите.