Преку проектот „Подобрено одржување на јавно прометните површини во град Прилеп“ кое го реализира Општина Прилеп, ЈКП „Комуналец“ доби специјално комунално возило, цистерна за перење на јавно прометни површини, за полевање и доставување на вода.
– Верувам дека во иднина ова возило со специјална намена ќе им ја олесни работата на комуналните работници и ќе биде во секојдневна функција во одржувањето на јавно прометните површини, со што ќе се допринесе жителите на Општина Прилеп да имаат врвна комунална услуга и хигиена – истакна градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески и најави дека Прилеп наскоро ќе добие уште едно специјализирано возило наменето за потребите на ЈКП „Комуналец“.

– За брзо време ќе го добиеме и новонабавеното специјално возило со сета потребна опрема за заловување на кучиња скитници, кое ќе биде од огромна корист за вработените во Стационарот за згрижување на кучиња скитници – рече тој.
Јовчески при оваа прилика истакна дека и во општината, и во јавните претпријатија има доволно стручен и обучен кадар кои имаат идеи и работат на вакви и слични проекти, со пари од ЕУ фондовите.

– Но и ние како општина, по стабилизирањето на финансиската состојба, веќе помагаме да ги зајакнеме капацитетите на јавните претпријатија во градот – нагласи тој.
Директорот на ЈКП Комуналец –Прилеп, Рубинчо Абрашоски истакна дека возниот парк на возилата на ЈКП „Комуналец“ за одржување на чистота на јавно прометните површини е стар над три децении и дека новото возило значително ќе придонесе кон одржување на подобра градска хигиена.
Проектот „Подобрено одржување на јавно прометните површини во град Прилеп“ е дел од повикот на Бирото за рамномерен регионален развој, за проекти за развој на урбаните подрачја и одржлив урбан развој.
Ка.М.