Очното одделение од прилепската болница доби нов апарат – оптичка кохерентна
томографија. Досега ваков апарат немало во болницата и пациентите одеа во соседните градови. Болницата апаратот го набавила од сопствени средства и чини помалку од пет милиони денари.
-Апаратот е софистициран и еден од најдобрите. Така да правиме се пациентите да
добијат подобри услуги и да не патуваат во другите градови – рече Кире Јоноски, директор на прилепската болница. Се работи за апарат за прецизна дијагностика на заболувањата на задниот дел од окото, односно на филмот за гледање.
– Ќе имаме подобри услови во поглед на дијагностика, во поглед на дијабетис
мелитус и рана прецизна дијагностика кај покачен очен притисок, односно глаукомот и ќе овозможиме пациентите да добиваат рана дијагностика и истовремено следење. Еден ден се надеваме дека ќе стасаме да имаме антивегеев терапија со која се решаваат проблемите со проблемите кај дијабетичните ретинопатии – изјави Дејан Ристески, специјалист очен лекар.
Доцент д-р Наташа Трпевска Шеќеринов, директор од Клиниката за очни болести од Скопје, посочи дека ова е значаен чекор за општа болница Прилеп, бидејќи е современ апарат, кој е непоходен.
– Апаратот е современ, овозможува неивензивна, брза метода и рано
дијагностицирање – рече Наташа Т. Шеќеринов.
На очното одделение има четворица специјалисти очни лекари, а тројца се на специјализација. Недостигаат единствено медицински сестри.
Ка.М.


































