Амбиенталниот воздух во Кичево е енормно загаден, чии вредности се за пет-шест пати поголеми од дозволеното. Како резултат на високото аерозагадување во градот има голем број лица со проблеми на дишните патишта, срцеви болни, постари лица и деца.
– Во нашиот град состојбата со амбиенталниот воздух е крајно влошена и гледаме што пократко време да бидеме на отворено за да не бидеме директна цел на ова загадување. Ние постарите лица опседнати со повеќе болести, уште ова ни требаше да се случи, за да имаме еден куп здравствени проблеми – вели Крсте, пензионер од Кичево, кој едвај чека да се намалат овие вредности за да може почесто да излегува од дома и да ја исполнува редовната норма на пешачење.
Екологистите од градот потсетуваат дека како причина за високото аерозагадување е затоплувањето на домовите со фосилни горива, интензивната станбена изградба, валканите улици после снегот на кои остана само ризлата, сѐ поголемиот број стари автомобили и бројот на градби што го спречуваат струењето на воздухот што ќе помогне да има помало аерозагадување.
– Проблемот со високото аерозагадување во нашиот град се повторува секоја година во периодот кога се затоплуваат домовите, од средината на есента и во текот на целата зима. Последна надеж за помало аерозагадување беа инвертер- климите кои во последните 4-5 години ги има сѐ повеќе во градот, но и тие многу не помогнаа да се намали аерозагадувањето. Се чини дека единственото вистинско и трајно решение претставува затоплување на домовите со плин, што ќе овозможи да нема емисија на чад, а тоа ќе помогне здравјето на луѓето да биде на посакувано рамниште, а сечата во шумите да се доведе на разумно ниво – истакнуваат екологистите од градот, загрижени за актуелната состојба кога Кичево, кога според мерењата Кичево спаѓа во редот на најзагадените градови во земјава.
З.А.