Пред 10-15 години, во потоплите месеци од годината, спортските терени кај поранешниот интернат во Кичево беа вистинско собиралиште на младите од градот, каде што голем број се рекреираа играјќи кошарка, мал фудбал и ракомет, а за тоа им помагаа и новопоставените рефлектори кои овозможуваа да спортуваат речиси цела ноќ. Постарите жители на градот не можат да ги преболат тие времиња и потсетуваат дека денес не идилично како што било порано.
– Последните десетина години состојбата драстично се влоши, обрачите и мрежите од кошевите беа извадени, таблите искршени, стативите за мал фудбал и ракомет однесени, а под забот на времето на повеќе места распукаа и терените, на кои потоа израсна трева и повеќе беше невозможно да се спортува. Граѓаните со жал се потсетуваат на тоа време и би сакале повторно да се вратат убавите времиња – вели Драган Тренески.
Неговото мислење го делат сите граѓани со кои поразговаравме за овој проблем.
– За жал ништо не е како порано, спортот е оставен на маргините, а една од причините е немањето желба на локалните самоуправи да ја променат состојбата на подобро. Добро се сеќаваме на времето кога терените во поранешниот интернат беа вистинско собиралиште на млади и од мај до октомври на овој простор секоја вечер се собираа по неколку стотици рекреативци од околните населби. За да можат да спортуваат и да се рекреатираат во ноќните саати, им помагаа и рефлекторите што беа поставени на овие игралишта – вели поранешен професор од блиското училиште.
Денес кога се поминува покрај овој простор може само да се констатира жалосната слика, но слична е состојбата и со терените во поранешниот Дом на ЈНА, со што на младите единствено им останаа кафулињата и уличните дружби. И сега е повеќе од јасно зошто меѓу младите од градот има сѐ помалку активни и успешни спортисти. З.А.