Фото: Општина Битола

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Муамед Сејдини и членовите на Управниот одбор Владимир Гашевски и Златко Талевски денеска беа во посета на Општина Битола. На средбата со градоначалникот на Битола, Тони Коњановски се разговараше за повеќе важни прашања поврзани со инфраструктурните услови за напредокот на фудбалот во Битола. Меѓу приоритетните прашања, главен акцент беше ставен на поставувањето на рефлекторското осветлување на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, обезбедено од страна на ФФМ во рамките на програмата „Хет – трик четири“. На состанокот е договорено во периодот што следува да бидат финализирани потребните постапки и рефлекторите да бидат поставени и ставени во функција во месец јуни.
Претставниците на ФФМ исто така покажаа подготвеност за поддршка на општината за реализација на нови фудбалски проекти и активности, меѓу кои, како посебно важен беше истакнат проектот за реконструкција на јужната трибина, со што комплетно би се заокружил проектот за стадионот во Битола.
-Со градоначалникот Коњановски остваривме конструктивен разговор и навистина верувам дека меѓусебно можеме многу да си помогнеме за развој на фудбалот и инфраструктурата во Битола. Со претходниот проект од „хет-трик“ програмата, ние веќе целосно го реконструиравме теренот со поставување на модерен дренажен систем, а по финализирањето на постапката ќе започне и поставувањето на рефлекторите на стадионот кое очекуваме да биде во функција веќе во месец јуни. Многу поголем и позначаен проект е реконструкцијата на јужната трибина, но уверен сум дека заеднички можеме да направиме нови големи работи за стадионот во Битола, како еден од нашите најголеми фудбалски центри. Општинскиот фудбалски Сојуз – Битола е еден од најголемите во нашата држава и благодарение и на нивната работа и посветеност, фудбалот ни е заеднички јазик во вистинска смисла и со раководните луѓе во локалната самоуправа. А, тоа е важно за подобрување на условите и напредокот – изјави претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини.
Коњановски искажа голема благодарност до Фудбалската федерација на Македонија за активностите кои досега се реализирани, истакнувајќи дека во наредниот период како општина и во соработка со федерацијата, ќе ги преземат сите обврски за заокружување на репрезентативна инфраструктура која би претставувала гордост за градот и ФК Пелистер, како еден од најголемите фудбалски брендови во државата.
М.М.