Биологот Јорданчо Милошевски ја анализира актуелната ситуација со мечките и дава конкретни препораки
Во изминатиов период се забележува зголемен број случаи кога мечки од планинските региони во Македонија се симнуваат во селата и бараат храна во населените места, а влегуваат и во домовите на жителите. Оваа појава предизвикува страв и незадоволство кај населението. За оваа проблематика разговаравме со биологот Јорданчо Милошевски.
Според Милошевски, мечките се сештојадни животни, што значи дека јадат и растителна и животинска храна. Нивната исхрана зависи од годишното време, расположливоста со храна и конкуренцијата со други животни. Во есенскиот период, пред да заминат во зимски сон, мечките имаат потреба да консумираат што повеќе калории, за да ја зголемат својата телесна тежина. Затоа, тие бараат лесно достапна и енергетски богата храна, како што се медот, овошјето, но и добитокот. Меѓутоа поради загубата на нивната природна храна, а се верува дека тоа е предизвикано од климатските промени, мечките почнуваат да бараат алтернативни извори на храна.
– Затоа тие најчесто ги посетуваат депониите произведени од човекот, а често ги напаѓаат и домашните животни што ги одгледуваат луѓето. Ова води до симнување на мечките од планините и до конфликти со населението – вели Милошевски.
Проблемот е во тоа што во изминатиов период бројот на мечките е зголемен во споредба со минатите години. Не се знае вистинската причина, но се верува дека и тука улога имаат климатските промени. Во нашата држава, бројот на мечките се движи од 300 до 400, но за точна процена се потребни дополнителни истражувања.
– Морам да потенцирам дека бројката на мечки не е во илјадници примероци, а во овој период почесто се видливи затоа што се сконцентрирани во одреден регион. Оваа состојба негативно се одразува и за луѓето и мечките. Мечките ризикуваат да бидат убиени или повредени од луѓето, кои се чувствуваат загрозени или оштетени од нив. Истовремено луѓето ризикуваат да им биде оштетен имотот или, пак, да бидат нападнати или убиени од мечки, а сето тоа предизвикува страв и непријателство кон овие животни – вели Милошевски.
Најдобар начин за решавање на оваа состојба е превенцијата. Тоа значи дека треба да се обезбеди доволно природна храна за мечките во нивните хабитати, да се заштитат нивните миграциски патеки и да се спречи незаконскиот лов. Исто така, треба да се спречи привлекувањето на мечките кон човековата храна, со поставување безбедни контејнери за отпад, со оградување на пчеларниците. Покрај тоа, треба да се подигне свеста кај локалното население за значењето и улогата на мечките во екосистемот, како и за начините на безбедно и одговорно однесување во случај на средба со мечка. На крајот, треба да се применат законските мерки за заштита на мечките, посочува нашиот соговорник.
Д.Ст.