Со пригодни програми, со доделување на пакетчиња на првооделенците во основните училишта во Прилеп започна школската година. Сепак најрадосни беа првачињата, кои, првпат седнуваат во училишните клупи. За нив за среќен почеток на учебната година општина Прилеп со општествено одговорни компании обезбеди школски прибор , неопходен за работа.

При тоа, честитајќи им го почетокот на учебната година на учениците, но и на наставниците, градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески посочи дека учениците во основните и средните училишта во Прилеп ја започнуваат новата школска година во подобри услови за работа, во освежени, бојадисани, реновирани училници и училишта, некаде со нови, адаптирани кабинети за одвивање на наставниот процес, со реновирани спортски сали и спортски реквизити, со убаво хортикултурно уредени парковски површини и внатрешен ентериер, со реновирани санитарни јазли за подобра хигиена…

– Сите овие активности беа преземени во зависност од потребите и можностите на секое училиште поединечно, во соработка со локалната самоуправа. Учениците оваа нова школска година 2022/2023 ја започнуваат во услови кои во континуитет се подобруваат за реализација на воспитно образовниот процес. Училиштето е многу важен предизвик во животот на човекот. А образованието е најдобра инвестиција за
иднината и темел на секоја заедница, на секоја општина и држава – рече градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески.

Во основните и средните училишта во градот учебната година започна за над 10.000 ученици. Ка.М.