Традиционалната петровденска мото-парада, што вечерва по деветти пат се одржа во Кичево, побуди голем интерес кај локалните жители. На мото-парадата организирана по повод патрониот празник на градската црква „Свети Петар и Павле“, Петровден, учество зедоа рекорден број од над 250 мотоциклисти од сите возрасти, со што од година на година за парадата владее се поголем интерес.

– Деветта година по ред, по повод Петровден, се одржа традиционалната мото-парада на која зедоа учество рекорден број мотоциклисти од нашиот град. Помеѓу мотоциклистите имаше и припаднички на понежниот пол, а мотоциклистите беа на возраст од 18, па до над 60 години. Радува фактот што петровденската мото-парада беше поздравена од голем број граѓани на Кичево, кои со аплаузи го проследија годинешното мото-дефиле. Ова уникатно одбележување на патрониот празник на црковниот храм во нашиот град, е традиција која добива се повеќе приврзеници во градот, пред се кај помладата популација – вели Владо Личовски, зачетник на оваа мото-парада.

Учесниците на мото-парадата своето патешествие го започнаа од под јарболот кај железничката станица, а потоа продефилираа по сите главни сообраќајници во градот. Дружбата ја зачинија со посета на градската црква и ја завршија со заедничко кафе во еден ресторан во градот. З.А.
