фото: З.А.

Во изминатите четири децении кичевскиот мајстор Коста Гаиманоски произведе разни изуми, но деновиве негов најнов предизвик беше изработка на ражен за јанешко печење, кој му го порача Рамазан Иљази, поранешен печалбар од село Горно Стргомишта во Италија.

– Пред да го изработам првиот ражен за јагнешко печење, направив една шема како ќе функционира мојот првенец. Вториот предизвик ми беше набавка на делови од кои ќе го создадам првиот ражен. И така започнав чекор по чекор да ги решавам предизвиците сѐ до денес, кога раженот беше целосно завршен и и успешно извршена првата проба на истиот. Се покажа дека мојата инвенција даде резултат и со задоволство можам да потврдам дека изработив ражен каков во кичевијата досега не е изработен, што го потврди и нарачателот, презадоволен од формата и начинот на работа на новиот ражен – истакна мајстор Коста.

– Кога наумив да си имам сопствен ражен за јагнешко печење, единствено ми преостана дилемата кој да го изработи новиот ражен. Изборот падна на мајстор Коста, кој создаде ражен каков досега не е изработен во околината и кој во целост ги оправда моите очекувања, а кога денес дојдов во неговиот дуќан, со задоволство можев да констатирам дека новиот ражен е целосно завршен и може да се стави во употреба. Тоа ќе се реализира деновиве кога на летен одмор во земјава ќе пристигнат печалбарите од странство. Инаку, кој го виде новиот ражен, потврди дека во околината досега нема видено ваков модел функционален ражен – нагласи нарачателот Иљази.

Тој за свои потреби обработува мини плантажа со градинарски култури, која наводнува капка по капка по примерот на Израел, што кај нас е вистинска реткост. Здравите плодови од неговата градина ги консумираат негови роднини што живеат во САД и кои летово ќе дојдат на годишен одмор во земјава.

З.А.