Ловниот туризам шанса за развој на Кичевско

КИЧЕВО

Погодностите што ги нуди природата за лов во Кичевскиот Регион се одлични и тоа е предуслов, покрај традиционалниот лов на локалните ловџии, да биде привлечен и за странските ловџии. Тие имаат поинаква прецепција за ловот, кој со добра организација може да биде профитабилна гранка и овој регион може да се впише во мапата на посакувани дестинации за лов на странските гости.
Тоа го потврди и претседателот на ловечкото друштво „Елен“ од Кичево, кој посочи дека странските ловџии се добро запознаени со убавината на планините во овој регион и можностите за лов што ги нуди, но бараат да се изградат повеќе сместувачки капацитети, за да можат да престојуваат подолг период и често да бидат присутни во регионот.

– Нашиот регион со погодна конфигурација на терени за лов и пребогат со секаков вид дивеч не остана незабележан и од ловџии од западноевропските земји, бидејќи во неколку наврати кај нас гости беа ловџии од Австрија, Швајцарија и од Шпанија. Гостите од овие земји беа презадоволни од убавината на нашите планини и од погодностите што ги нудат за елитен лов. Но имаа забелешки за недостигот од соодветни хотелски капацитети, во кои ќе ги имаат сите погодности и за подолг престој и дружби. Посочија дека сѐ додека не се обезбеди неопходната инфраструктура ќе бидеме помалку атрактивни за елитните гости од запад, кои бараат услови што добро можат да се наплатат – вели Петрески Слободан.

Во овој регион во повеќе наврати престојувале и ловџии од Италија, кои им биле гости на своите колеги од ловечкото друштво „Сокол“, но и тие како и нивните колеги што ја посетиле земјава имале забелешка поради недостигот од соодветни хотели и ресторани, каде што би престојувале подолго и би се дружеле со локалните ловџии. Но и покрај овој недостаток, би сакале повторно да престојуваат во овој регион, задоволни од приемот и срдечноста на домаќините.
– Без инвестиции во овој дел на ловен туризам тешко дека ќе можеме да сметаме на зголемено и редовно присуство на ловџиите од овие земји и да ја искористиме предноста како континентална земја за да ги валоризираме природните погодности, кои се на рамништето на нивните земји, а ние како да не сме свесни за тоа – велат од ова ловечко друштво.