Фото: Општина Крива Паланка

Откако стана „најновогодишниот“ град во Македонија, Крива Паланка наредната недела планира да сериозно да си ја „одработи“ таа титула, во соработка со Дедо Мраз, „Дајте музика“, „Распеано симитче“, Пајак, маскоти, коњи со кочија и друга забава за најмладите, а многу, многу македонска музика за журка за возразните. Ете тоа ќе се случува во Крива Паланка пет дена пред да ја дочекаме Нова Година.

Детските забави ќе почнуваат напладне од 12 часот, додека вечерните журки од 19 часот.

Првата журка ќе се случи во вторник, 27 декември, кога е закажан настапот на „Тајфата“, а веднаш по нив ДНК. В среда (28.12) на програмата се „Браво бенд“, а по нив е закажан настапот на Слаткар. Четврток (29.12) е резервиран за „Артист бенд“ и Лозано.

Во петок (30.12), на радост на најмалите, напладне концерт ќе одржат „Дајте музика“, Дарко Ѓурчиновски, Жонглер. Во петок, во Крива Паланка во 13.30 часот ќе пристигне и Дедо Мраз. Во петок вечерта, од 19 часот, повторно забавата ќе стартува со „Брас брадарс“, а ќе продолжи со „Некст тајм“.

Сабота, на последниот ден од оваа година, од 12 часот концерт ќе одржат дечињата од „Распеано симитче“ и Пајак, а планирание се и маскоти, коњи со кочија и многу друга целодневна забава за најмладите. Возрасните, пак, ќе може да уживаат во греано вино, слатки, да си купат сувенири и други новогодишни лудории што се продаваат во куќичките, кои го красат градот, но и во кафулињата, кои веќе имаат организирано целодневна забава.

Во попладневните часови завршува овој петдневен „Новогодишен базар 2022“, исполнет со многу забава и дружење на градскиот плоштад, кој од минатата недела е украсен, како никој друг град во државава.

Ќе се случува вистинска новогодишна магија. Крива Паланка годинава е подготвена за предновогодишно расположение не само на жителите на градот, туку и за многу други, кои ќе пристигнат од останатите градови во државава, каде ниту е украсено, ниту, пак, се планирани предновогодишни концерти.

Ако минатата година Крива Паланка беше прогласена за најубаво украсен град, оваа година се надмина себеси не само по украсувањето, туку и по забавите за сите генерации, а посветени исклучиво на македонската музика.

– Новогодишниот базар опфаќа содржини за сите генерации. Ова не е подарок само за жителите на градот, туку и За сите посетители, кои сакаат да бидат наши гости, а се најавени во голем број. Празниците се да се зближиме, дружиме и забавуваме, а Крива Паланка го нуди токму тоа. Кривопаланчани се добро домаќини, а во тоа уште еднаш ќе се уверат сите што ќе дојдат. Градот е отоворен весели и со радост да ја испратиме старата и со најубави желби да го дочекаме новото лето – вели градоначалникот Сашко Митовски.