Струга
Во тек е реализација на годишната програма на НУ музеј „Никола Незлобински“ – Струга, одобрена и поддржана од Министерството за култура за 2025 година, од областа на музејската дејност. Во тие рамки се одвиваат археолошки истражувања на локалитетот Млака, во дворното место на црквата „Св. Архангел Михаил“ – с. Ташмаруништа.

Археолошките ископувања ги спроведува мал истражувачки тим, под раководство на вишиот кустос Бојан Танески. Истражувањата се вршат врз основа на сознанијата добиени со геоскенирање на просторот, спроведено во 2023 година, како почетна фаза на проектот.
– Во двете сонди што ги поставивме јужно и северно од црквата, откриени се повеќе христијански погребувања, со наоди што помагаат за нивна датација (бронзен прстен, копчиња, неколку наушници), но и четири цврсто градени ѕидови, од делкан камен и малтер, чие понатамошно истражување ќе покаже на каков тип градба припаѓаат – информираат од НУ музеј „Никола Незлобински“ – Струга. В.Р.
