Најновата седница на Советот на Општина Битола, по 14 часа жестока расправа, заврши рано изутрината со усвојување на дваестеина нови амандмани кои ги поднесоа советниците од т.н. ново неформално мнозинство на СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ,
По усвоениот ребаланс на буџетот, кој ја намдинува законската рамка на основниот буџет за 116.000.000 денари ќе дојде до целосна блокада на Општината, изјави на денешната прес конференција градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
-Во интерес на Битола и сите граѓани на нашта општина, морам да ја информирам јавноста за штетата која доцна синоќа и беше нанесена на Битола, под водство на нестручното и незаконско работење на претседателката на Советот, Габриела Илиевска. Иако по завршувањето на седницата, тенденцијата од некои советници беше популистички да се прикаже дека Советот донесе ребаланс на буџетот со амандмани во интерес на битолчани, морам да ви укажам дека, тоа е груба лага, манипулација и поигрување со интелигенцијата на граѓаните – рече Коњановски.
Советот, вели тој, изгласа ребаланс на буџетот на кој самиот е предлагач и ја надминува законската рамка за 116.000.000 денари, поради што истиот нема да биде вчитан и одобрен од Министерството за финансии, а со тоа ништо од амандманите кои ги усвоија нема да може да се реализира.
-Веројатно, знаејќи го тоа, а сакајќи да покажат неспособност на градоначалникот и општинската администрација, не го испочитуваа ниту Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа, каде јасно е наведено дека, општината може да го надмине максимално утврдениот износ доколку обезбеди потврда за трансфер на средства од соодветна институција или во случај на промени кои се однесуваат на видот и висината на сопствените приходи на основниот буџет. Иако, од општинската администрација им беше сугерирано дека, законот предвидува, предлагачите на амандманите да укажат на можните извори за обезбедување на средства, советниците од новото мнозинство, не го направија тоа, односно изразија само желби за проекти, без финансиски план и визија за реализација. Моите обиди да постигнеме разумно и законско решение, со координаторите на советничките групи, не се реализираа – истакна Коњановски.
Тој ги повикува предлагачите на амандманите, согласно донесената одлука за формирање на работни тела, час поскоро да застанат и да направат законско усогласување на програмите со подносителите, за да се овозможи функционалност.
-Во играта на политиканството на поединци, губиме сите битолчани – истакна Тони Коњановски. М.М.