Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, заедно со претставници на општина Битола, денес остварија работна средба со стручниот тим од јавното претпријатие за урбанистичко планирање, проектираање и инженеринг, предводено од директорката Марија Зарова Силјановска.
На средбата се разговараше за тековните постапки и понатамошните чекори поврзани со донесувањето на новиот генерален урбанистички план, што претставува еден од приоритетите на градоначалникот Тони Коњановски, поради фактот што во моментот Битола има ГУП од 1999 година, кој не ги исполнува потребните стандарди, односно не е во дигитална форма и не е изработен на ажурирана геодетска подлога.
Во годишната програма на општина Битола за финансирање на изработка на урбанистички планови, општината го вклучи донесувањето на новиот ГУП, за што веќе се отпочнати активностите.
Новиот ГУП ќе се усогласи со законската регулатива и реалните потреби на градот од аспект на планирање на намени на површини, сообраќајна и друга инфраструктура, планирање на мерки за заштита на природното наследство и животната средина, заштита на природата, озеленување на населбите и други мерки за остварување на целите на планирањето.
М.М.