Во рамки на манифестацијата Денови на Крали Марко, вечерва од 19.30 часот, во фоајето од ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп ќе се одржи концертниот проект „Гласови под Кулите“, кој го спојува древното и современото, македонското и медитеранското, балканското и западноевропското.
Концертот, кој е во организација на Општина Прилеп, во соработка со НУЦК Марко Цепенков – Прилеп, ќе поведе на патување низ вековите и планините – од изворни гласови и митски јунаци, преку сенки од Шар Планина, до спомени од детството и народните приказни и еха од европскиот среден век – во потрага по заедничките елементи што ги носи европското музичко минато и она што е древно во фолклорот. Навидум концерт полн со спротивности и неспоиви песни и инструменти, но токму тие создаваат парадоксално, а логично, еден свој свет и своја естетика.
Програмата ќе биде полна со изведби на традиционални македонски песни, чалгиски интерпретации, но и нови инспирации од европскиот и балканскиот музички фолклор. Од „Гласот ми се чуе горе в планината“ и „Крали Марко и Митре Тирочанче“, „Зајде сонце, зајде“, до „Douce Dame Jolie“ „Pourquoi, doux rossignol” и „Узви се лоза алова“ – концертот ќе ги обедини сите тие елементи во еден уникатен музички концепт. Болката, разочарувањето и жртвите на јунаците кои се борат со својата судбина, песните за борба и храброст, преку контрадикторните моменти на одлуки и жртви што ги носат, ќе бидат само дел од патувањето низ нашите музички корени. Машките и женските гласови во мистичен разговор со лирата, дудукот, дефот, загадочното одѕвонување на сантурот и космичноста на клавијатурите, се слушаат низ камените ѕидини и духот на старата Варош, носејќи бранови од минатото и емоција која допира до најдлабоките основи на нашето постоење и сеќавање, додека ги поврзува епохите и просторот, можеби поврзувајќи ги нашите исконски звуци со трупите на некои патувачки музичари и минатото со сегашноста и иднината.
Ќе настапат Ана Митоска (вокал, сантур), Петар Христов (цариградска лира, вокал, ут, лаута, дудук, сопран саксафон, блокфлејта…), Зоран Беговски (кавал, деф, вокал), и Симон Облешевски (клавијатури).
– Ќе оживеат легенди и звуци што се носат од далеку – и остануваат длабоко во нас.
Од чалгиски интерпретации и гласоечки исони, преку изведби на традиционални македонски песни со осовременети аранжмани, до средновековна поезија и инструментали што ги премостуваат временските и географските граници – овој концерт е искуство што не се слуша секој ден.
Програмата е жив организам од музички реликвии, автентични интерпретации и нова инспирација што ги комбинира сите тие елементи и различни периоди на еден уникатен начин – велат организаторите.
Ка.М.