Вечерва на летната сцена од Центарот за култура „Кочо Рацин“ Кичево, со почеток од 20 часот, ќе се одржи концертот на квинтетот Артемис. Оваа вечер се очекува да биде вистинска свеченост на музичката различност и музичкото изразување на кое ќе настапи квинтетот музичари од два града од земјава.
– Вечерва на платото пред Центарот за култура ќе се претстави квинтетот Артемис, составен од петмина врвни уметници и тоа Јетмир Мехмеди – гитара, Дритон Беќири – дувачки инструменти, Дејан Апостолоски – удиралки, Бурим Мехмеди – бас и вокал, Валон Мехмеди – пијано и специјалната гостинка солистката Розафа Етеми – истакна директорот на Центарот за култура Мазлам Османи.
Тој ја наведе програмата што вечерва ќе ја изведе квинтетот.
– Вечерашната програма ќе ја сочинуваат 12 нумери, и тоа Ми падна Снегулка в око, Јовано Јованке, Јас на тој рид а ти на овој, Колку далеку, Џипси сонг, Полесно без болка, Едерлези, Подари ми ги твоите шарени очи, Таксират и Ти и јас. Очекуваме зголемено присуство на локалните љубители на музиката, кои ќе бидат присутни на овој коцерт а за квалитетот на изведбите гарант се извонредните музичари дел од овој квинтет – додаде директорот Османи. З.А.