На денешната 27-ма седница на Советот на Општина Тетово се изгласа одлука со која ќе се зголеми цената на водата за пиење. Наместо досегашните 16,08 денари за метар кубен вода, ќе се наплаќаат 21,5 денари.
ЈКП „Тетово“ на 11.12.2023 година до Регулаторната комисија за енергетика водни услуги и услуги за управување со комунален отпад има поднесено барање за утврдување на тарифа за снабдување со вода за пиење или водоснабдување за регулиран период 2024-2026 година.
– Регулаторна комисија донесе решение кое го објави во Службен весник бр. 10 од 16.01.2024 година според кое Управен одбор на ЈКП „Тетово“ донесе одлука за утврдување на тарифа за водна услуга-снабдување со вода за пиење. Утврдената тарифа за домаќинства е 21,5 денари за метар кубен за сите три години од 2024, 2025 и 2026 година. Како и 36,55 денари за метар кубен вода за сите останатите институции, правни лица, здравствени установи и друго, истакна на седницата на советот Зоран Андоновски, претставник на ЈКП „Шари“, новоформираното претпријатие кое досега во рамки на ЈКП „Тетово“ беше работна единица за водовод и канализација.
Меѓу точките на дневниот ред беше расправа за избор на командир на полициска станица од општа надлженост, по предлог на Министерството за внатрешни работи, но сите тројца кандидати не беа прифатени од мнозинството. Втор пат Советот не прифаќа ниту еден од предложените кандидати на МВР.
Според претседателот на Советот Бесар Дурмиши, советниците сметаат дека тројцата кандидати не ги исполнуваат критериумите.
– Оваа корумпирана Влада уште еднаш предложи кандидат кој не ги исполнува основните критериуми за таа функција, што ние како Совет еднаш веќе го утврдивме. Сега повторно се дава предлог кој повторно не е адекватен за функцијата, а кој оди уште подалеку и се работи за непотизам. Овој кандидат е сопруг на пратеничка на една партија која е на власт. Со ова го кршат законот и немаат намера да го почитуваат, туку единствената грижа им е да ја имаат полицијата во свои раце – изјави Дурмиши.
На дневен ред се најде и предлог одлука за основање на јавна општинска установа Центар за култура „Мехмет Паша Дерала“, но не доби доволно гласови и не беше усвоена.