Честите врнежи од дожд во мај и јуни оневозможија да бидат засадени дел од земјоделските култури кои виреат во кичевскиот регион. Така, планираните површини со пченка, грав, компир, зелка и други култури, беа застапени на многу помали површини што се рефлектира и врз недостигот на овие земјоделски производи на кичевскиот пазар. Тоа го потврдуваат земјоделците од кичевско кои не можат да им понудат на своите потрошувачи производи кои се редовно застапени на нивните тезги.
-Оваа година имаме засадено и засеано најмали површини под земјоделски култури. Во периодот кога требаше да бидат засадени, речиси секојдневно паѓаше дожд, почвената влага беше многу висока, а на дел од нивите воопшто и не можеше да се работи, бидејќи беа потопени под вода. Токму од тие причини летово не можевме да понудиме на нашите потрошувачи компир, грав, пченка, зелка и други продукти во доволни количества. Овој проблем беше изразен кај сите земјоделци во нашиот регион. Токму тоа ќе биде причината годинава на нашиот пазар да немаме во доволни количества домашен грав, компир и други земјоделски производи – вели Миле Јованоски, земјоделец од кичевско.
Овие проблеми се одразија и врз се повисоката цена на земјоделските производи на локалниот пазар.
-Годинава не можеме да планираме кога и колку грав ќе обезбедиме за зима, понудата на домашен грав е минимална а цените се се повисоки, па стасуваат и до 400 денари. Истото се случува и со останатите земјоделски производи застапени во нашиот регион – вели Томе Вељаноски од Кичево.
Овие проблеми ќе се одразат и врз домашниот буџет на граѓаните на Кичево, бидејќи за истите количества земјоделски производи ќе мора да издвојат далеку повеќе средства. З.А.