Фото:З.А

Како што температурите се спуштаат така потребата од зголемено затоплување на домовите кај граѓаните на Кичево се зголемуваат. Но за да имаат топли домови и убаво согорување на дрвата, жителите на градот вршат зимско чистење на оџаците кое ќе придонесе согорувањето на дрвата да биде многу поголемо а топлината во домовите да биде на посакуваното ниво. Покрај во Кичево, Џули Рахмани, често добива повици и од жителите на општините Македонски Брод и Пласница а не мал број пати го бараат и жителите од кичевските села.

-За да имаат оптимално затоплување на домовите во време кога надворешните температури се далеку под нулата, граѓаните на Кичево ги чистат и оџаците, свесни дека добро согорување и затоплување на домовите ќе имаат под услов ако имаат чисти оџаци. Безмалку сите сакаат работата да се заврши истиот ден кога ќе ме повикаат, но јас имам најчесто премногу работа и верувајте дека не можам истиот ден да им одговорам на сите баратели, но се трудам тоа да го направам во што е можно побрз рок. Во изминатите петнаесетина дена покрај студот во работата мал проблем ми создаваше и снегот како и замрзнатите кровови по кои морав да бидам исклучително внимателен за да не дојде до пролизгување. Овој интензитет на работа ќе потрае до средината на февруари по што очекувам работата да се намали се до крајот на летото и почетокот на есента и подготовката на оџаците за новата зима – вели Рахмани, кој со својата скромност и искрен пристап кон работата ги освои симпатиите кај сите граѓани на Кичево.

Наведе дека веќе е познат и во други околни места бидејќи не мал број пати го бараат жителите на Македонски Брод и Пласница и сите села во Кичевска општина а тој по цена од 400 денари ги чисти оџаците на сите свои клиенти во Кичево, 800 денари во Пласница до 1000 денари во Македонски Брод..

Подвлече, дека недоволно чистите оџаци се причина за намалено согорување на дрвата и поголемо аерозагадување, како што е случај деновиве во Кичево. З.А.