фото: Зоран Антоски

Кичевската коњаница „Пресвета Богородица Пречиста“ по десетти јубилеен пат ќе биде дел од Илинденскиот марш. Таа својот пат ќе го почне на 28 јули по собирот во манастирот чие име го носи и од каде во наредните пет дена ќе посети многу села и населени места кои дале значаен придонес во времето на Илинден. Годинешната Кичевска коњаница ќе брои 20 членови, а ќе ја сочинуваат претставници од повеќе градови и села од регионот. Најмладиот учесник на коњаницата ќе биде 14-годишната Анамарија Андреска, која воедно е едно од трите девојчиња-учеснички на маршот.

Учесниците најавуваат дека сите подготовки за овој марш се завршени и со нетрпение го очекуваат денот кога ќе тргнат на пат долг околу 180 километри.

фото: Зоран Антоски

– Нашето патешествие на Илинденскиот марш ќе го започнеме на 28 јули во 8 часот наутро со присуството на Светата Божествена литургија што ќе се одржи во манастирот чие име го носи и нашата коњаница. Во 9:30 часот учесниците на маршот ќе дадат свечена заклетва, а ќе биде избран и војводата на кичевската коњаница. Во 10:30 часот членовите на коњаницата тргнуваат на својот пат до Крушево и од манастирот преку село Србјани ќе влезе во Кичево во 12:30 часот, што ќе биде одбележано со свечено дефиле. Во 13 часот ќе ја посетиме градската црква „Свети Петар и Павле“ каде ќе примиме благослов од свештенството.

Во 15 часот ќе се упатиме за село Козица каде ќе ноќеваме. Патот ќе води преку селата Другово, Пополжани, Видрани, Брждани и Свињишта и со комитска вечер ќе ја одбележиме првата вечер од Илинденскиот марш – истакна еден од основоположниците на Кичевската коњаница „Пресвета Богородица Пречиста“, Станоја Станојоски.

Тој посочи дека наредната вечер коњаницата ќе ноќева во село Сопотница, на 30 јули патот ќе го заврши во село Журче, а на 31 јули ќе се спои со Скопската коњаница и заедно ќе влезат во Крушево, каде на 1 август ќе има и свечено дефиле на коњаниците, а на 2 август ќе бидат дел од свеченото одбележување на овој голем национален празник.

З.А.