„Танц на ангелите“, „Шарени медузи“, „Штрумфови“, „Принцови и принцези“, „Весели костури“, „Пирати“, беа само дел од 27 групни маски кои учествуваат на 23 карневал Прочка во Прилеп.
Учесниците, не ги спречи ни лошото време со дожд и студ, да ги претстават своите точки. Вообичаено карневалот започна со настапот на традиционалната маска „Прилепски прочкари“.

Најголемиот дел од маските беа од основните и средните училишта, а пред жири-комисијата продефилираа над 600 учесници. За најуспешните маски следуваа награди.
Отворајќи го карневалот градоначалникот на Прилеп Борче Јовчески истакна дека
денес, во духот на вековната традиција, повторно се прославува празникот Прочка.
– Прочка не е само обичај, туку е длабока манифестација на нашата љубов, единство и простување. Во овој важен момент, ние, прилепчани, се поврзуваме едни со други и си простуваме, порака која е ткаена со сопствените нишки на нашата историја и нашите обичаи.
Оваа традиција исто така е дел од колективната култура на Македонија.
„Прости ми“ е пораката која ја пренесуваме со искреност, а добиваме „простено да ти е“ како знак на соединување и љубов. Со почитување и негување на традициите, создаваме силна заедница која знае да простува и поддржува – рече градоначалникот Јовчески, барајќи прошка од прилепчани.

Вечерва помладите одат во домовите на повозрасните да побараат прошка со зборовите „прости ми“, а добиваат одговор „простено од мене и од Бога“.
Карневалските активности завршуваат утре со празничен ручек во манастирот Св.Ѓорѓија.
Ка.М.