Првите картички за зелена нафта денеска беа поделени во населеното место Канатларци. За владината мерката за поевтино гориво за механизацијата обезбедени се 200 милиони денари, а треба да бидат поделени 55.000 картички. Со реализација на мерката предвидено е државата да покрие 30 отсто од трошоците за нафта на земјоделците кои одгледуваат градинарски и полјоделски култури, лозови и овошни насади.

– Во Прилеп со оваа мерка се опфатени околу 2.000 земјоделци за што предвидени се над 5.000.000 денари – вели Зоран Пачешкоски, раководител на подрачното одделение на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Според градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски ова е голем проект од кој корист ќе имаат земјоделците.

Земјоделците своите картички за зелена нафта ќе можат да ги подигаат секој работен ден од ПЕ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а сите оние кои сѐ уште не го подмириле долгот за закуп на државно земјоделско земјиште да постапат согласно договорите за закуп.

Со овие картички земјоделците ќе можат да точат исклучиво „евродизел“ за земјоделската механизација.

Ова е за првпат земјоделците да добиваат поевтина нафта или 30 отсто од трошоците за нафта да ги покрива државата, а средствата на картичките земјоделците треба да ги искористат до крајот на април 2020 година.

Ка.М.