Утре во уметничкиот салон од Центарот за култура „Кочо Рацин“ во Кичево, ќе биде отворена уникатната изложба со работен наслов „Балканот низ времето“, на последниот кичевски казанџија Коста Галиманоски. На изложбата ќе бидат претставени поголем број штитови кои се користеле во периодот на антиката а ги служеле војските од повеќе земји. Покрај штитовите на изложбата ќе бидат претставени и 15 бакрорези на кои фигурираат стари пари како и голем број антички грбови и два малилитражни казани.
-Експонатите што ќе бидат претставени на оваа изложба се изработени во последните две години, а идеата ми беше граѓаните на Кичево и посетителите на изложбата да добијат повеќе сознанија за меѓусебните релации во текот на живеењето низ векови наназад на различните народи кои живееле и живеат на овие простори. Целта ми беше граѓаните да се запознаат со начинот на рачна изработка и обликување на металот кој се применувал пред многу години. Реализацијата на изложбата ќе придонесе кон зајакнување на мултиетничката соработка, кон подобро утре на сите народи кои живеат на овој простор – истакна авторот на изложбата, Коста Галиманоски.
Тој најави дека овој опус на бакарни изработки ќе биде презентиран и пред граѓаните на Скопје и повеќето културни центри низ земјава. Не се исклучува и можноста овие изработки да бидат претставени и во некоја од соседните земји, поточно во нивните метрополи.
Отворањето на изложбата ќе се случи во 20 и 30 часот. З.А.