Фото: З.А

Врнежите од дожд кои интензивно паѓаат повеќе од 24 часа, придонесоа повеќе градски улици во Кичево да бидат поплавени и покрај напорите на комуналното претпријатие да ги исчисти сливниците на повеќе локации во градот, како би се зголемила пропусната моќ за да не дојде до поплавување на сообраќајниците и тротоарите. Беше интервенирано и на градската река Сушица, за да се зголеми нејзиниот капацитет и пропусност. Сепак најголем доток на вода во градот има од трасата на новиот автопат од чија вода се поплавија повеќе улици на потегот над железничката станица.

-Нашите напори со чистење на решетките од сливниците на повеќе локации во градот дадоа голем придонес во зголемувањето на пропусната моќ на атмосферската канализациска мрежа, но поради интезнитетот на дождот канализациската мрежа не беше во можност во целост да ги прифати надојдените води, а најмногу тоа се одрази на сообраќајниците над железничката станица Кичево, каде се спуштаат водите од трасата на новиот автопат и кои се собираат на овие улици. Капацитетот на атмосферската канализациска мрежа е загрозен и поради дивото приклучување на повеќе објекти од чии покриви водата директно се насочуваа во оваа канализациска мрежа, што го намалува нејзиниот капацитет и протечност – вели директорот на комуналното претпријатие Зендел Јонузи.

Тој нагласи дека екипи од комуналното претпријатие се постојано на терен ја следат состојбата, но најавите за престанок на врнежите од дожд влеваат дополнителен оптимизам бидејќи се очекува да нема понатамошни проблеми со собирање на атмосферската вода од градските сообраќајници и наведе дека и штотуку паднатите лисја се причина плус за намален проток на повеќе сливници од градските сообраќајници.

З.А