Здружението „Роденденски пињати“ од Кичево, деновиве покрена иницијатива во која добростоечките семејства од Кичево ќе донираат храна што ќе им биде подарена на социјално загрозените семејства од градот. Одзивот на граѓаните како и на одредени компании беше голем и се очекува оваа помош да стигне до седумдесетина семејства.
Како што рече раководителот на Здружението „Роденденски пињати“ Билјана Дејаноска, подготвен е список на социјално ранливи семејства кои пред Новата година ќе ја добијат ветената помош.
– За да им ја разубавиме највеселата ноќ и големиот верски празник Божиќ, покренавме иницијатива во која се вклучија голем број граѓани на Кичево и успешни компании, кои донираа поголеми количества прехранбени артикли, кои ќе им бидат подарени на социјално загрозените семејства и поединци пред Новата година. Уште еднаш нашите сограѓани на дело ја покажаа големата хуманост а во акцијата се вклучија и компанијата „Атва“,фабриката „Џојсон“ и голем број семејства и поединци од градот. Се очекува од списокот кој е подготвен со овие семејства, најголемиот дел од нив да добијат подарок прехрамбен пакет и барем накратко да им ги разубавиме празниците – истакна Дејаноска.
Таа најави дека од утре или најдоцна од среда ќе започне дистрибуцијата на овие пакети, кои ќе бидат врачени на домашна адреса на оние за кои се наменети. Донациите се собираат во трпезаријата од црковниот храм „Свети Петар и Павле“. З.А.