Ранливите групи на пазарот на труд се вклучуваат во специјализирани програми и услуги за развој на вештини. Со оваа реформа, најзагрозените категории од сиромаштија, односно тие што не се активни подолго време и се под социјална заштита, ќе се вклучат на пазарот на труд. Ваква порака пред прилепските бизнисмени пренесе Наташа Здравковска, координаторка на проектот „Активација на ранливи групи на пазарот на трудот“, што се реализира од страна на Агенцијата за вработување на Македонија и финансиски е поддржан од Европската Унија, за да се намали долгорочната невработеност и зависноста од гарантираниот минимален приход.
Претставниците на Агенцијата за вработување, пред бизнисмените во Прилеп ги презентираа придобивките за граѓаните кои примаат гарантиран минимален приход и за
компаниите кои ќе ангажираат граѓани од овие ранливи категории. Според нив, оваа цел ќе се постигне само со ефективно вклучување на ранливите групи, посебно на
корисниците на гарантирана минимална помош на пазарот на труд.
– Граѓаните ќе добијат услуги за советување и мотивација (СИМ програма) преку психосоцијална и менторска поддршка како прва компонента на проектот. По ова ќе
следува вклучување на пазарот на труд преку обуки и вработување преку четири активни мерки – обуки за побарувани занимања, обука кај познат работодавач, практикантство и субвенционирано вработување – рече Здравковска пред бизнисмените од Прилеп.
Во реализација на проектот учествуваат Центрите за вработување и Центрите за социјална работа, кои меѓу себе комуницираат преку систем за електронска размена на
податоци за подобра селекција и ефикасност на процесот. Во проектот се вклучени повеќе од 1.500 лица корисници на гарантирана минимална помош, од кои досега најмалку пет проценти веќе се вработени. Реализацијата на проектот обезбедува информации за ранливите категории граѓани, како што се нивниот став, менталитет, уверувања и предрасуди, што ќе бидат основа за прилагодување на активните мерки и услугите на двете институции за да се постигнат подобри резултати на теренот. Притоа, главни партнери – поддржувачи на ваквата активност се Центрите за вработување, Центрите за социјална работа и секако, бизнис заедницата на локално ниво. Ка.М.