Градската река Сушица која Кичево го дели на два дела, пред три децении беше гордост на градот, но последниве неколку години почна да наликува на депонија, преполна со секаков вид на амбалажа и други видови на отпад. И наместо некогашната гордост на градот, денес Сушица претствува срам за градот. Најмногу амбалажа е насобрана во нејзиното корито од центарот на градот се до вливот во Зајашка река. Минувачите често ја коментираат оваа грда слика, но нивните коментари засега не даваат резултати.
– Колку и да сакаме да имаме европско Кичево, граѓанската недисциплина и одлагањето на секаков вид на отпад во некогаш градската убавица Сушица, ја менува сликата за нашиот град. Ние барем два пати годишно го чистиме речното корито од секаков вид на отпад, но по месец-два од оваа акција речното корито повторно почнува да се полни со секаков вид на отпад. Не е јасно како на одредена структура на граѓани им претставува задоволство да го фрлаат сметот во реката и да не чувствуваат ни трошка грижа на совест за грдата слика што сами ја создаваат. Не знам какви мерки да се превземат за оваа состојба еднаш засекогаш да се надмине – вели директорот на комуналното претпријатие Зендел Јонузи.
З.А.