Фото: З.А

Традицијата долга триесетина години, во последниот викенд од месец февруари да се посети легендарната Ѓурѓејца продолжи и годинава. Поголем број почитувачи на Илинденската епопеја, со теренски возила или пеш се упатија кон ова опеано место, каде што се одиграла една од најкрвавите битки во Илинденскиот период и каде што животот го положиле повеќе од 30 востаници, а голем број биле ранети.

Битката кај Ѓурѓејца ќе се памети како една од ретките победи во тоа време против бројниот непријател.

– Се започна пред 29 години кога група ентузијасти од градот одлучивме во последниот викенд од месец февруари да ја посетиме славната Ѓурѓејца. На нашите пријатели им се допадна оваа идеја и оттогаш па се до денес во се поголем број, независно од временската ситуација престојуваме тука. Најпрво се поклонуваме пред спомен обележјето што сами го подигнавме, потоа пееме револуционерни песни и крајот го зачинивме со ручек кој тука го подготвивме – вели Александар Кочоски, кој не прескокнал ниту една дружба на легендарната Ѓурѓејца.

Жителите на Кичево се презадоволни што тука самоиницијативно подигнале споменик.

– Кога започнавме редовно да доаѓаме тука, ни беше по малку криво зошто на ова славно место, каде што се пролеала многу патриотска крв, нема никакво спомен обележје. Затоа со наши пари набавивме материјал и за брзо време, на наша радост, никна спомен обележјето на кое сме горди – вели Славе Делевски, еден ветераните на Ѓурѓејца, кој не пропуштил ниту една година да не престојува на ова култно место, оддалечено од градот околу 12 километри.

З.А