Во организација на спортско риболовното друштво „Хантер Фиш“ од Кичево, денес беше организирана еколошка акција во која се собираше секаков вид отпад оставен во околината на Осломејското езеро. Амбициозните членови на спортско- риболовното друштво собраа десет големи пластични вреќи секаков вид отпад, со што го подобрија изгледот на езерското крајбрежје.
– За прв пат во оваа календарска година нашето риболовно друштво денес организира еколошка акција за чистење на крајбрежјето на Осломејско езеро. И покрај недоволниот одзив на членовите и волонтерите од Кичево и околината, сепак група спортски риболовци членови на„ Хантер Фиш“ кои се вклучија во оваа акција во текот на целиот ден го исчистија езерскиот појас и собраа над десет големи вреќи секаков вид на отпад – истакна членот на „Хантер Фиш“, Ќире Пиперкоски и посочи дека главнината на акцијата била насочена кон чистење на боксовите за натпревари..
– Главен акцент при денешната акција беше чистењето на отпадот оставен во боксовите каде што се лоцирани риболовците при сите натпревари што досега беа организирани.Целокупниот отпад што беше оставен во овие боксови беше собран и во наредните ден-два овој отпад ќе биде одложен на комунална депонија – додаде Пиперкоски.
Тој нагласи дека во претстојниот период ќе бидат организирани и други еколошки акции се со цел Осломејското езеро да се етаблира високо на мапата на вештачки езера каде што риболовците најмногу посакуваат да се натпреваруваат.
Инаку во изминатиот период и покрај грижата на спортските риболовци, голем број на неодговорни граѓани и жители од регионот го фрлаат комуналниот отпад во негова околина , одлагаат и градежен шут и ја нагрдуваат целокупната слика на езерото.
З.А