Здружението на пензионери од Кичево и оваа година за своите членови обезбеди огревни дрва на осум еднакви рати со цел да им ја олесни набавката на огревно дрво за наредната зима. Испораката на огревното дрво ќе се одвива во наредните седум месеци, односно до крајот на септември сите заинтересирани пензионери ќе можат да си купат дрва на рати.
– И годинава нашето здружение се потруди да им ја олесни набавката на огревно дрво на своите членови и им обезбеди набавка на огревно дрво на осум еднакви рати. Цената на огревното дрво ќе изнесува 3700 денари за кубен метар дабово дрво и 3600 денари за кубен метар буково дрво – потсети претседателот на кичевското здружение Душан Ристоски, кој посочи колку кубни метри огревно дрво ќе бидат испорачани годинава.
-Според интересот на нашите членови, за годинава ќе набавиме 1000 кубни метри огревно дрво од кои 700 дабово и 300 кубни метри буково дрво. Целосната испорака до нашето членство ќе се одвива до месец септември. Што се однесува до транспортот, дабовото дрво до домовите на пензионерите ќе го испорача подрачната единица на ШС „Лопушник“ , додека буката ќе ја испорачува приватно лице од село Попоец со сопствен превоз – додаде претседателот.
– Се надеваме и очекуваме годинава да се избегнат долгите чекања за испорака на огревно дрво, кои некаде се издолжија до крајот на ноември. Овој пат ветувањата на подружницата на „Лопушник“ се цврсти и велат дека годинешната испорака ќе биде завршена во планираниот рок – заврши Ристоски.
З.А