Традиционално пред почетокот на сезоната кичевскиот ковач Бајрам Кежевски од многу работа не можел ни „да крене глава“, но во последните неколку години со празнењето на селата и намалувањето на бројот на земјоделците, неговата работа опадна до таа мерка, што тој денес не може да заработи ни да ги покрие трошоците, а камоли нешто и да му остане за нормална живеачка.
– Последниве 10-ина години секоја наредна пролет имаме се помалку и помалку работа и се прашуваме дали воопшто вреди сѐ уште да се негува овој занает од кој не може да се заработи за живот. Порано во овој период од годината имавме работа преку глава, се купуваа мотики, лопати, мотичиња , вили, клепавме плугови и друг земјоделски алат, а како се намалуваше бројот на жителите во селата и опаѓаше бројот на земјоделци, така ние имавме се помалку работа, а има денови кога нема ниту еден муштерија да влезе во нашиот ковачки дуќан да праша а камоли да порача нешто – вели Кежески.
Тој навести дека не е далеку времето кога и тие ќе го стават катанецот на нивниот дуќан.
– Колку и да го сакаме ковачкиот занает од кој генерации заработуваа за живот, сепак како што стојат денес работите со сосема мал број на порачки и речиси никакви приходи, се повеќе размислуваме да му ставиме катанец на нашиот ковачки дуќан, бидејќи она што го заработуваме не ги покрива ниту основните трошоци, а камоли нешто да се заработи за живот. Најголем број млади се иселија во странство, интересот за земјоделие целосно опадна, а тоа се и причините што придонесоа за ваквото мртвило во градот и во нашиот дуќан – додава Кежески.
Тој потенцира дека не само старите занаети, туку и останатите трговски дуќани во градот ги имаат истите проблеми и сите се наоѓаат на работ на егзистенцијата. Кежевски затоа се прашува до кога ќе може да се работи на овој начин со континуирана загуба. З.А.