Фото: З.А

Втора година по ред приносите на мед кај пчеларите од Кичевско-Бродскиот регион се повеќе од задоволителни. Временските прилики во поголем дел им погодуваат на пчеларите од овој регион, иако во еден период времето не беше во целост наклонето на производителите на мед, кога имаше мрзнење на одредени видови на овошки.

-И покрај загубите на поголем број пчелни семејства кај повеќето пчелари во текот на изминатата година, сепак тоа не се одрази врз приносите на мед кај пчеларите во Кичевско-бродскиот регион, кои се над повеќегодишниот просек. Оваа година и покрај намалениот број на пчелни семејства, количините на мед се на задоволително ниво. Приносите на мед ќе бидат и поголеми а придонес ќе дадат оптималните вредности на температурите во ноќните часови. И покрај мрзнењето на одредени овошки како што беше случај со праската, кајсијата, крушата, сливата и дел од јаболката, ноќните температури и оптималната влага дадоа полн придонес во активностите на пчелните семејства и добрите приноси на мед – вели Васе Максимоски, еден од најголемите производители на мед во регионот.

Тој напомна дека сите се пријатно изненадени од приносите на мед, кои кај одредени пчелари се далеку поголеми и од ланските приноси, што според развојот на природата не беше очекувано.

Дали добрите приноси на мед ќе придонесат цената на медот да не се зголемува или по стариот добар обичај, секоја нова година со нови цени на медот, што е далеку од економска логика.

З.А