фото: Ка.М.

Дејан Проданоски е новиот градоначалник на Прилеп, кој во наредните четири години ќе се грижи за развојот и растежот на градот. Уверението за избор му беше врачено денеска од Општинската изборна комисија – Прилеп.
– Им благодарам на граѓаните кои гласаа. Се надевам дека ќе имаме резултати подобри за сите граѓани. Не очекува многу работа во интерес на сите. Мораме да се искачиме над состојбите, оти градоначалникот е биран од сите. Благодарам за лекцијата што граѓаните ни ја одржаа. Навистина треба да се поправа довербата што политичарите треба да ја имаат. Во четиригодишниот мандат ќе направиме сѐ што можеме да работи во интерес на прилепчани – рече новиот градоначалник Дејан Проданоски, заблагодарувајќи му се на претходникот и на другите градоначалници, кои работеле за градот во изминатите години.
По формалното предавање на функцијата, изјава даде и досегашниот градоначалник Борче Јовчески, кој му честиташе на новиот градоначалник, посакувајќи му успешна и плодна работа, бидејќи Прилеп заслужува да зачекори кон европските стандарди.
Денеска уверенија за избор примија и новоизбраните советници во Советот на Општина Прилеп. 17 се од ВМРО ДПМНЕ со коалицијата, шест од СДСМ со коалицијата, тројца советници се од редовите на Левица и еден од ЗНАМ, кои истакнаа дека ќе работат во интерес на граѓаните.
Се очекува наредните денови да се одржи и првата седница на Советот на Општина Прилеп во новиот состав.

Ка.М.