Фото: З.А

Денес во 18 часот граѓаните на Кичево ќе излезат на четвртиот протест, кој ќе се реализира пред новата општинска зграда. Денешниот протест се предвидува да биде најмасовен а од граѓаните се очекува во што поголем број да земат учество на истиот, за конечно да се реши проблемот со дивата градска депонија која во изминатите неколку години ги труе жителите на овој зелен град.

-Поминаа три протести на кои беа повикани надлежните на ЕЛС Кичево и ЈП „Комуналец“ Кичево, да се појават пред сограѓаните и да соопштат кои се нивните следни чекори во врска со нелегалната депонија која се наоѓа во самиот град кај поранешниот Керамички комбинат – истакна Бојан Мишкоски од одборот за протести и нагласи.

– Сепак се уште немаме добиено ни ветување дека за овој наш проблем надлежните планираат да преземат поконкретни чекори. Со цел да го зголемиме притисокот кон надлежните, денес ќе го реализираме четвртиот протест пред влезот на новата општинска зграда, на кој граѓаните ќе донесат дел од сопствениот отпад и истиот ќе биде оставен пред влезот на општинската зграда, исто онака како што надлежните го оставаат отпадот од целата општина непосредно до нашите домови – додаде Мишкоски и потврди, дека и овој протест како и претходните не е поврзан со никаква политичка партија, иако партиите се повикани да го поддржат овој граѓански протест како и секој од претходните три.

З.А.