Фото: З.А.

Надежите на граѓаните на Кичево дека ќе можат да купуваат поевтини земјоделски производи кога ќе почнат да продаваат локалните земјоделски производители не се остварија, а цените се речиси еднакви како на производите кои на овој пазар доаѓаат од страна. Производителите зголемените цени ги правдаат со далеку повисоката цена на нафтата, поскапени семенски материјали и средства за третирање против болести и не се во можност да продаваат поевтино бидејќи ќе работат со загуба.

-Годинава нашите производи имаат нешто повисоки цени од лани а трите главни причини се зголемената цена на нафтата, семенскиот материјал и средствата за третирање на градинарските култури. Зголемените трошоци не оставаат место цените да бидат пониски, дури за одредени производи тие можат да бидат и повисоки ако се имаат во предвид состојбите во кои егзистираме. Ништо помалку важна причина е и се помалиот број земјоделци кои се занимаваат со производство на градинарски култури, бидејќи исселувањето на младите секоја година придонесува во нашиот регион да имаме се помалку земјоделски производители – вели Миле Ј., земјоделец од Кичевско.

Граѓаните на Кичево соочени со оваа реалност, принудени се да пазарат во многу помали количества споредено со периодот од пред десетина години, кога цените на земјоделските производи беа многу поприфатливи за нивниот џеб.

– Нашите очекувања дека со зголеменото производство на локалните производители во овој период од годината и цените ќе бидат пониски не се остварија. Токму тоа е причината да пазариме во многу помали количества, а не како порано кога во сабота, како пазарен ден, се снабдувавме со земјоделски производи за цела недела а сега поради висината на цените купуваме помалку за да протуркаме најмногу два-три дена.Последните неколку години тешко врзуваме крај со крај а како што галопираат цените така се лимитираат и нашите количества земјоделски производи – вели пензионерот Драган Тренески.

Инаку, земјоделците годинава имаат поплаки и на екстремно високите температури во текот на летото, кои придонесоа кај повеќето земјоделски култури приносите да бидат далеку помали од очекуваното а и квалитетот на дел од производите да биде полош. З.А.